Граѓаните кои земаат просечна нето плата не можат да ги задоволат основните потреби во текот на месецот. Најголем дел од платата оди за храна, пијалоци и за сметки така што остануваат многу малку пари за да се помине месецот и да се дочека новата плата.
Последните податоци објавени од Државниот завод за статистика покажуваат дека во септември просечната нето плата изнесувала 24.355 денари, а според Сојузот на синдикати на Македонија вредноста на минималната потрошувачка кошничка во истиот месец е поголема за околу 8.000 денари и изнесува 32.493 денари. Синдикатот пресметал дека на едно семејство за купување на храна и пијалоци му се потребни минимум 13.486 денари месечно, а за сметките за комуналии 10.412 денари што значи дека само за храна и за комуналии се трошат минимум 23.898 денари што е приближно колку просечната нето плата.
– Работникот, ако ја прима просечната плата, која е исплатена во државата во септември и која според последниот податок на ДЗС е во износ од 24.355 денари, со неа ќе може да се подмират 74,96 проценти од најнеопходните потреби на неговото четиричлено семејство. За да ја обезбеди вкупната вредност на производите и услугите вклучени во пресметката на кошницата му недостигаат 33,41 процент од просечната плата – односно номинален износ од 8.137 денари – велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Тоа значи дека купувањето на облека, обувки и културните активности стануваат луксуз за просечниот Македонец бидејќи само за храна и комуналии троши месечно околу 75 проценти од платата, а му недостигаат уште 33 проценти за да ги задоволи основните месечни потреби. Пресметката на ССМ покажува дека минимум за облека и обувки месечно на едно четиричелно семејство му се потребни 2.136 денари колку што чини еден пар добри чевли, а за одење во театар, кино или на концерт минимум треба да одвои 1.070 денари.
Според пресметките, уште потешко е за оние кои земаат минимална плата од 12.165 денари бидејќи тие можат да покријат само 37,38 проценти од трошоците пресметани со минималната потрошувачка кошница во ноември која изнесува 32.545 денари.
Голем јаз меѓу платите во Македонија, разлика од најмалку една просечна плата
Иако, просечната плата во Македонија се движи околу 24 илјади денари, сепак има голема разлика во просечните плати што ги земаат вработените на пример во информатичко-телекомуникацискиот сектор и оние кои работат во текстилните фабрики. Разликата е огромна – околу 24 илјади денари или колку една просечна плата.
Статистиката покажува дека компјутерските програмери земаат плата од 61.821 денар, а оние кои работат во телекомуникацискиот сектор 40.883 денари, додека еден работник во текстилна фабрика заработува 15.261 денар, а во кожарската индустрија 14.447 денари.
Со високи плати се и вработените во финансискиот сектор каде просечната плата е 40.140 денари и вработените во енергетиката чии просечни плати се движат околу 38 илјади денари.
Ниско платени професии се производството на мебел, растителното и животинско производство, рибарството и аквакултурата, трговијата на мало и градежните работници.
Од Бизнис конфедерацијата на Македонија велат дека во однос на минималната и просечната плата, дефинитивно се покажало дека работниците не се задоволни и оти треба да се направат напори низ преговарање и со Владата и меѓу работодавачите за покревање на платата на работниците, особено во трудоинтензивните дејности, но и во индустријата и стопанството.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков во изјава за МИА вели дека очигледно ова на долг рок влијаело дури и врз одлуките на граѓаните да ја напуштат државата и да бараат подобра егзистенција надвор од Македонија.
– Ние треба да бидеме свесни како бизнис заедница дека ако доволно ја притискаме третата страна, односно Владата во однос на намалување на парафискалните трошоци, подобрување на бизнис климата, транспарентното трошење на јавните пари и суштинското и системско функционирање на сите јавни функции, тогаш ќе почне да се враќа довербата во системот и ќе почне да се работи и да се живее тука- нагласува Бошков.