Превенција и едукација, па потоа санкција, модернизирање на инспекциските служби и зајакнување на нивните капацитети и пред сѐ создавање на систем на јасно дефинирани правила на игра кои ќе важат и ќе се почитуваат подеднакво во сите компании, бара Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).
– Потребно е да се промени перцепцијата за инспекциска контрола, компаниите да не стравуват дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојде инспектор во контрола, туку напротив инспекторите да бидат еден вид регулатори и во функција на подобрување на работата на компаниите – рече подпретседателот на комората, Александар Милошевски на денешната прес-конференција.
Компаниите, додаде тој, најмногу им пречи тоа што инспекторите сѐ уште инсистираат на пронаоѓање нерегуларности.
– Детектирано е дека недостасува иницијатива кај инспекторите за едукација, а честите промени во регулативата претставуваат проблем, особено за малите и микро претпријатија кои немаат капацитет да ги следат промените за потребната документација која треба да ја приложат при инспекциска контрола – додаде Милошевски.
Најголем дел од инспекциите се кај микро, малите и средни компании. Најчести контроли врши УЈП и Царинската управа, потоа Државен трудов инспекторат, Пазарен инспекторат, Инспекторат за здравје и заштита при работа, Агенција за храна и ветеринарство.
Лани под окото на инспекторите најчесто биле секторите туризам и угостителство, текстилна индустрија и градежништво, а најмали контроли има во секторот ИКТ.
Од Сојузот на стопански комори бараат да бидат консултирани при носењето на новиот Закон за инспекциски надзор од стрна на Министерството за информатичко општество и администрација. Законот е во подготовка е од особено значење.
Нивните очекувања се дека новиот Закон ќе биде во насока на надминување на неконзистентноста и слабостите на актуелниот Закон и ќе биде воведен нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик.
-Тоа ќе го олесни и поголема правна сигурност за субјектите на надзор, пред сѐ од приватниот сектор со воведување на унифицирани правила и задолжителност на листи за проверка при редовниот инспекциски надзор – вели потрпетседателот на ССК.