Српскиот Патријарх : Современите секуларни држави се обидуваат да ја искористат Црквата

204

Српскиот Патријарх Иринеј испратил писмо до Вселенската Патријаршија, каде што го излага напредокот на разговорите во поглед на појавите на етнофилетизмот во современото Православие, кои зеле место на Светиот Собор на Српската Црква.

Делови од писмото на Патријархот Иринеј до Патријархот Вартоломеј објави Ромфеа.гр.

Повод за писмото била „вознемиреноста на Светиот Синод и на Патријархот за единството на Православната Црква, по интервенциите на архиереи од Вселенската Патријаршија“, односно издавањето на Томос за Автокефалија на украински расколнички ентитети „и покрај волјата… на Руската Православна Црква…, а во името на поранешното црковно мајчинство, како новопојавен канонски параметар“.

Во писмото се вели дека „сличен аргумент се планира и за расколничката ‘Македонска Православна Црква’“.

Српскиот Патријарх потенцира дека современите секуларни држави се обидуваат да ја искористат Црквата во служба на нивната идеологија и власт и за да успеат во таа цел, тие прибегнуваат кон болниот етнофилетизам и секуларистичко, државоцентрично размислување.

„Државите, народите и ‘народите’, од кои денес се бара автокефалија, а во суштина дејствуваат нивните режимски ‘политички формации’ и нескриено ја оправдуваат својата штетна активност со повикувањето на државната и националната корист (Украина, ‘Северна Македонија’, Црна Гора…), се создадени од комунистите, до денес повеќето од нив имаат безбожници на власт… Тие не бараат автокефални Цркви бидејќи, божем се нивни верни чеда, но со цел, за да ги користат, подобро кажано да ги искористат за исполнување на нивната световна и во суштина безбожничка идеологија, власт и ниска корист. Се работи, во крајна мера, за злоупотреба на Црквата и на верата“, се вели во писмото.

Посветувајќи се на Украина, Српскиот Патријарх го карактеризира како „многу опасен, дури и катастрофален, сходно на тоа и фатален за единството на Православието“ чинот на „оправдување и рехабилитирање на расколниците во чинот на епископите, а особено на архирасколникот, ‘Патријархот’ Киевски Филарет Денисенко, и враќањето на литургиското и канонското општење со расколничките заедници, без нивно покајание и враќање во единство со Руската Православна Црква од која се одделиле, без согласност со Московската Патријаршија и без координација со неа“.

Патријархот Иринеј потсетува дека Соборот на Крит го потврди постоењето на четиринаесет автокефални Православни Цркви во нивните денешни канонски граници.

„Преку конкретното уверување од Соборот на Крит, имплицитно се потврдува дека автономната Црква на Украина се наоѓа под јурисдикција на Московската Патријаршија и дека органски ѝ припаѓа“.

Според тие негови наводи, Вселенската Патријаршија не може да одлучи еднострано, без Српската и Руската Црква, за иднината на Охридската Архиепископија и Киевската Митрополија, соодветно.

Писмото потенцира дека процесот на стекнување и објавување на нови автокефалии е договорен и од помесните Православни Цркви. Предвидено е дека Константинопол е само координатор на прашањето.
„Соодветниот, конечен официјален текст е објавен на страниците од периодично издаваните записници на Центарот на Вселенската Патријаршија во Шамбези“.

Писмото на Српскиот Патријарх посветува големо внимание и на опасноста од прекршување на јурисдикциските права и на Српската Црква во Црна Гора.

Српскиот Патријарх заклучува дека „случајот на Црна Гора има врска со оној на Украина и дека и неканонскиот клир“ на Македонија и Црна Гора „се надева да биде рехабилитиран заедно со Денисенко“.

Патријархот Иринеј верува дека „нешто такво од номоканонски аспект би било трагично неразумно“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...