Српската опозиција бара оставки на Вучиќ и слободни и фер избори

75

Српската опозициска коалиција Сојуз за Србија (СзС) денеска побара оставка од носителите на власта во Србија и распишување на слободни и фер избори во рок од шест до девет месеци.

– Граѓаните на Србија над три месеци протестираат во повеќе од 90 градови. Режимот се оглуши од сите барања на граѓаните кои се однесуваат на слобода на медиумите, расчистување со криминалот и злоупотребата на власта и транспарентност во решавањето на косовското прашање. Доста се понижуваа граѓаните на Србија. Немаме повеќе време за чекање. Време е актуелниот режим да си отиде за да им биде подобро на граѓаните, се наведува во соопштението на СзС.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението се посочува дека СзС, како потписник на „Договорот со народот“, по три месеци големи народни протести против власта под мотото „Еден од пет милиони“, има само едно барање: „Заминување на сегашниот режим и слободни избори на сите нивоа“.

СзС бара итни оставки на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на Народното собрание Маја Гојковиќ и избори на сите нивоа, што би се одржале за шест до девет месеци, на кои „медиумите ќе бидат слободни и ќе се исполнат останатите заеднички барања на опозицијата за фер и чесни избори“.

– Првиот чекор кон слободни медиуми е итна смена на директорот и уредниците на информативните програми на РТС (Радиотелевизија Србија) и РТВ (Радиотелевизија Војводина) и смена на членовите на Регулаторното тело за медиуми (РЕМ). Новиот менаџмент на РТС и РТВ мора да обезбеди објективно и непристрасно информирање на јавните медиумски сервиси, а новата структура на РЕМ мора да обезбеди почитување на Законот за јавно информирање од страна на сите радиодифузери, се додава во соопштението.

СзС за исполнување на овие барања на властите им дава рок од 30 дена, а дококу тие се оглушат на нив, опозицијата на 13 април ќе организира „голем јавен протест“ во Белград, на кој ќе ги повика граѓаните од цела Србија.

– Во меѓувреме, продолжуваме со целосната поддршка на сите протести „Еден од пет милиони“, што се одржуваат низ цела Србија, се наведува во соопштението на блокот СзС, во кој членуваат најголем дел од српските опозициски партии.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...