Официјален Белград денеска соопшти дека меѓународната заедница мора да престане со „создавање енергетски голема Албанија“ и оцени дека потпишувањето на договорот Косово-Албанија за заеднички енергетски систем може да влијае на регионалната енергетска и политичката стабилност како и на продолжување на дијалогот Приштина-Белград.
Директорот на канцеларијата на српската влада за Косово, Марко Ѓуриќ истакна дека „Србија е сопственик и градител на електро-мрежата на Косово“, и дека најавата за создавање „енергетски голема Албанија е шовинистичко лице на приштинската политика“.
– Ова е неизводливо на терен и мора да биде запрено од меѓународната заедница пред да може да донесе последици за регионалната енергетска и политичката стабилност и да ги запечати изгледите за дијалог – нагласува Ѓуриќ во писмената изјава за медиумите.
Косовските и албанските дистрибутери на електрична енергија КОСТТ и ОСТ потпишаа договор вчера во Тирана за воспоставување заеднички енергетски систем со што ќе стави крај на децениската зависност на косовската електро-мрежа од Србија, јавија косовските медиуми.
Договорот беше потпишан со знаење на Европската мрежа на оператори на електропреносни системи (ЕНТСО) и се очекува да стапи во сила во април 2020 година.