Компанијата Антена група, водечка медиумска корпорација во југоисточна Европа, во чија сопственост се Прва телевизија, О2 ТВ, Прва ТВ Црна Гора, Плеј Радио, шест кабловски канали и три портали прва.рс, о2тв.рс и б92.нет, вчера постигна договор со бизнисменот Срѓан Миловановиќ за преземање на 100 проценти од основачките права на Антена групата во Србија и Црна Гора.
Вредноста на аквизицијата изнесува 180 милиони евра, соопшти Антена група.
Постапката за издавање дозвола од страна на регулаторните тела е во тек, стои во соопштението.
Кон крајот на 2009 година Антена група ја презеде Фокс телевизија во Србија, а во септември 2010 го смени називот во Прва српска телевизија. Како што наведуваат, промената на основачките права е дел од деловната стратегија на компанијата Антена група, која понатаму ќе се фокусира на развој на основната дејност и работење.
– Групацијата со овој деловен потег оствари импресивен успех. Во времето на купувањето на Фокс телевизија во Србија 2009 година, станицата имаше само четири отсто удел во пазарот, а денес, осум години по сериозни вложувања и континуирано ширење на дејноста, медиумската куќа има дури 45 отсто удел во пазарот и е една од најздравите медиумски компании во земјата – пишува во соопштението.
Тие додаваат дека Срѓан Миловановиќ поседува богато искуство во медиумското и телекомуникациското работење, и дека аквизицијата претставува предизвик кој „позитивно ќе влијае врз целокупниот развој на медиумскиот пазар на Србија“.
– Со големо задоволство најавувам преземање на една од најпрестижните медиумски куќи во Србија и Црна Гора, која цели осум години ја креираше и водеше одличен домашен тим под воство на Антена групата. Имајќи го предвид беспрекорниот имиџ и одличните резултати на работењето на медиумскиот гигант, целите и плановите ќе се движат во насока на суверена изградба и понатамошен развој на оваа угледна медиумска куќа, зголемување на продукциските капацитети и ширење на медиумската платформа – изјави Миловановиќ.
Тој додаде дека „амбициозните планови за јакнење на лидерската позиција на компанијата, во земјата и во странство, ќе ги спроведува истиот тим луѓе кои важат за врвни професионалци и едни од најдобрите во српската медиумска индустрија“.
На темава се огласи и Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) која исто така соопшти дека корпорацијата Коперникус, во сопственост на братот на фунцкионер на Српската напредна партија, ги купи телевизиите Прва и О2, потсетувајќи дека тоа се случува откако својот кабелски оператор Коперникус технолоџи, кој е втор по големина кабелски операстор во Србија, го продаде на државната телекомуникациска компанија „Телеком“ за речиси 200 милиони евра.
Сопственикот на корпорацијата Коперникус, Срѓан Миловановиќ, за БИРН потврдил дека е постигнат договор со Антерна групата, сопственик на овие две телевизии.
– Сега антимонополската комисија мора да го одобри тоа, но тоа е само формалност, затоа што Антена нема 40 отсто удел на пазарот – рекол Миловановиќ за БИРН.
Компанијата на Миловановиќ се поврзува со владејачката Српска напредна партија, затоа што неговиот брат, Звездан Миловановиќ, е функционер на партијата, наведува БИРН.
Лидерот на опозициската Алијанса за Србија, Драган Ѓилас, ја обвини државната компанија Телеком Србија дека е вистинскиот купувач на телевизиите Прва и О2, а Корникус Корпорацијата е само формален купувач. Тој изрази загриженост дека медиумскиот плурализам во Србија се влошува.
– Ако досега имаше барем малку светлина и таа ќе се изгасне – напиша Ѓилас на Твитер.