Србија в понеделник во Брисел, во рамки на пристапните преговори со ЕУ ќе отвори две нови поглавја во однос на економската и монетарна унија (17) и статистика (18).
На меѓувладината конференција ЕУ-Србија ќе учествува европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, се наведува на веб страната на ЕУ.
Српската министерка за европска интеграција Јадранка Јоксимовиќ претходно изјави дека седум поглавја технички се подготвени за отворање. Според неа, 19 земји на ЕУ дале согласност за отворање на најмалку три поглавја, имало држави кои се залагале за отворање на четири или пет поглавја, некои за едно поглавје, а некои за ниту едно. Сепак, со оглед на тоа дека одлуките се носат со консензус, договорено е отворање на две поглавја.
Радио Слободна Европа, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека во еден момент земјите-членки на ЕУ сериозно ја разгледувале можноста да не се отвори ниту едно поглавје поради недоволен напредок во областа на владеењето на правото.