Собранието на Србија денеска го усвои Законот за конверзија на станбените кредити индексирани во швајцарски франци, кој е резултат на компромисно решение меѓу државите, здруженијата на граѓани и банките.
Според новиот закон, граѓаните ќе имаат избор дали да ги конвертираат кредитите во евро или да продолжат со судски спорови.
„Лекс специјалис“ предвидува дека преостанатиот дел од долгот се конвертира во евра и дека износот на конверзија ќе биде намален за 38 проценти, како и дека каматната стапка ќе биде ограничена на 3,4 отсто.
Понуденото решение државата ќе ја чини 11,7 милијарди динари.
Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на овој закон, банката е должна да му достави понуда на корисникот за склучување договор.
Ако прифати конверзијата на станбениот кредит да се изврши во согласност со овој закон, корисникот е должен во рок од 30 дена од приемот на документите за тоа да ја извести банката и со неа да склучи договор за конверзија.
Министерот за финансии Синиша Мали претходно изјави дека со „лекс специјалис“ ќе се реши проблемот за 15.785 лица.
– Најважно е дека со тој закон ќе бидат опфатени сите корисници на тие кредити за да се овозможи трајно решение на проблемот на граѓаните – рече Мали.