Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не му дава на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети касарната од поранешна СФРЈ и просторот околу неа да го претвори во паркиралиште и да развива туризам во Матка. На МВР и натаму ќе и треба касарната за потребите на полицијата, така што Беџети можеби сепак ќе треба да ги послуша предлозите на жителите на Горна и Долна Матка за да го реши сообраќајниот хаос во излетничкото место.
Плусинфо објави дека жителите на двете села се обратиле до општината Сарај, до Град Скопје и до Министерството за транспорт и врски, со дописи во кои предлагаат како за мали пари да се реши сообраќајниот хаос кој владее таму.
Беџети пак, смета дека единствено решение за да се елиминира сообраќајниот хаос во Матка е поранешната касарна да стане паркиралиште.
Но од МВР не мислат така.
– Од Општина Сарај и од Владата до МВР во неколку наврати поднесено е барање за давање мислење за корисничко право на недвижни ствари во касарната во Глумово ( за објект ПО Сарај и магацински простории). Одговорот на Министерството за внатрешни работи е негативен од причина што министерството има потреба од идно користење на просториите, недвижните ствари лоцирани на КП 1964 КО Глумово, Општина Сарај – велат од МВР.
На Беџети не му успеа да го убеди МВР, иако како што рече, на министерството ќе му понуди солуции каде да се смести полициското Одделение во Сарај.
Инаку, објектот за кој зборува Беџети, а во кој сега е сместена полицијата, е оддалечен околу 3 километри од излетничкото место и прашање е како замислува градоначалникот од тука до рекреативното место на Матка да одат излетниците.
Жителите на двете села пак, предлагаат привремено решение. Просторот до старата зграда на ЕВН да се пренамени во паркинг. Уште поголем простор за паркирање би се добил ако на оваа парцела, која е во државна сопственост, се изгради катна гаража. Тие предлагаат и старата зграда на ЕВН, во која сега живеат само три семејства, да се урне, а тие да се обештетат, за да се добие уште поголем паркинг простор. Со изградба на еден потпорен ѕид под кафеаната „Манастирска пештера“, пак, може значајно да се прошири сега малиот паркинг простор пред овој објект.