Де Лукс-ауто никогаш нема дадено донација на партијата СДСМ, како што се презентира во јавноста. Износот од 12.000 денари што се споменува е попуст на дадена услуга при сервисирање на возила, што како фирма го даваме и на други општествени и стопански субјекти, реагира сопственикот на фирмата Бобан Спасовски откако во јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ, неговата фирма се споменува како донатор на СДСМ што била причина и за добивање на тендери што ги распишува Владата.
– Одговорно тврдим дека на сите јавни набавки на кои сме учествувале се единствено од економски причини и дека други причини нема и нема да има. Никаде немаме направено пропусти во процедурата за спроведување на јавните набавки, па затоа ги повикувам сите надлежни институции да ја проверат исправноста на постапките каде имаме учествувано- тврди Спасовски.
Тој додава дека фирмата работи и опстојува на пазарот веќе десет години и има високо реноме за услугите што ги врши, а тој не е член на ниту една партија.
Спасовски вели дека ваквите небулози и инсинуации од политичките субјекти само му штетат на неговиот углед, на вработените во фирмата и на угледот на неговото семјенство и додава дека тоа нема да го спречи да не учествува на тендери.
– Сакам да истакнам дека оваа нема да ме спречи со сите регуларни средства да продолжам да се борам на пазарот во областа во која Де лукс-ауто има свој интерс. Професионалноста на нашие услуги ќе ја задржиме и понатаму, без разлика која политичка партија е на власт – вели Спасовски.