Француската полиција денеска испука солзавец за да ги растера демонстрантите кои се собраа во Париз на првата годишнина од антивладините протести на движењето „Жолти елеци“.
Судири меѓу полицијата и демонстрантите се случија во северозападен Париз, кога демонстрантите се подготвуваа да го почнат маршот низ градот.
Полицијата интервенираше и за да спречи неколку стотици демонстранти да го блокираат кружниот тек во Париз.
Досега се уапсени 24 лица, соопшти полицијата.
Протестите на „жолтите елеци“ почнаа кон средината на ноември 2018 година, првично поради зголемувањето на цената на горивата и високите трошоци за живот, но прерасна во пошироко движење против претседателот Емануел Макрон и неговите економски реформи.
На почетокот, десетици илјади луѓе учествуваа во протестите, на моменти и до 300.000, а подоцна се намали нивниот број на неколку илјади.
Сепак, водачите на протестите ги повикаа поддржувачите денеска повторно да се мобилизираат за да ја одбележат првата годишнина.
Фото: EPA/CHRISTOPHE PETIT TESSON