Во Францускиот институт – Скопје вечер од 18 часот ќе биде промовиран превод од романот „Малечка“ на младата швајцарска авторка и авантуристка Сара Жислер, кој го објави издавачката куќа „Или-или“.
Со промоцијата, на која ќе присуствува и Жан Фам Тран, претставничка од француската издавачка куќа „Éditions des Équateurs”, ќе почне одбележувањето на Месецот на франкофонијата низ повеќе градови во земјава, во соработка со Амбасадата на Швајцарија.
– Романот „Малечка“ постигна голем меѓународен успех. Се работи за поучно четиво од млада девојка, која гневот го преобразува во одисеја. Нежно и низ хумор, оваа патничка што го обиколи целиот свет, раскажува за маките од детството, за нејзината одбивност кон униформираноста на општество, како и за жедта за слобода, преку која ги надминува сопствените стравови, соопшти Францускиот институт кој за настанот ќе организира консекутивен превод.
Настаните за годинашното одбележување на Франкофонијата ќе бидат посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор Никола Бувие – патописец, фотограф и режисер.
Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста. Нашата земја членува во оваа организација од 2006 година.