Полиција пред два дена почна да ги придружува комуналните редари на Град Скопје на терен, по зачестените напади врз нив. Во дежурните екипи во сите три смени, отсега во нивното возило седи и еден полицаец со цел да се спречи насилството врз редарите.
Раководителот на Инспекторатот на Градот, Мирослав Богдановски, за Плусинфо вели дека нападите врз инспектори не се реткост.
– Во дежурните екипи во прва, втора и во трета смена во однос на палење, загадување, сега има и по еден полицаец. Нема ни месец дена откако еден од нашите комунални редари беше удрен со бокс на булеварот Јане Сандански. Имавме напад на комуналните редари и во Кисела Јабука во Ѓорче Петров. Тие следеа лице кое со камион се упатува кон местото каде сакал да го истури градежниот шут а тоа место не е предвидено за таа намена. При обид за легитимација, лицето замавнало со лопатата кон нив, сакајќи да ги удри. Тие веднаш се повлекле, повикана е полиција и имаме податоци за лицето, како и регистрација на возилото. Мислам дека како физичко лице може да добие казна од околу 1.000 евра – појасни Богдановски.
Уште една мерка за безбедноста на лицата кои вршат инспекција, како што пренесе Плусинфо, се и мобилните телефони со апликацијата „е-инспектор“.
– Со помош на тој џи пи ес сигнал, ќе знаеме точно на кое место се и во случај на напад, веднаш ќе бидат испратени или полиција или останати инспектори. Телефоните имаат копче СОС, кое ако се стисне, веднаш се праќа сигнал во полиција. Оттаму се лоцира каде е инспекторот и се праќаат најблиску тие единици или патроли од МВР – претходно појасни Богдановски.
Во моментов 39 инспектори имаат телефони со џи пи ес, а во план е да се вработат уште 15 до 20 инспектори за што Конкурсот е во тек.