Со повисоки плати ќе се води битка против корумпирани инспектори

Со новините се воведува нов концепт на планирање со што ќе се избегнат пречестите надзори врз исти субјекти во релативно краток временски период.

131

Поефикасни инспекциски служби без репресивна, туку првенствено со советодавна улога, вработување нови инспектори и зголемување на платите, со цел намалување на корупцијата во оваа дејност, најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната јавна расправа за Предлог новините на Законот за инспекциски надзор.

– Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот, тој најпрвин мора да има советодавна и образовна улога, субејктите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста пред да биде изречена казната. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија – изјави Манчевски.

Анализите покажале дека нема доволно инспектори, а сложената постапка за стекнување статус на инспектор придонела оваа професија да биде неатрактивна. Инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа, работат во доста тешки услови и се изложени на ризик.

– Еден од предлозите во законот е дека треба да предвидиме зголемување на платите особено за оние инспекциски служби кои се изложени на најголем ризик. Сметам дека не само во инспекциските служби, туку и секаде зголемувањето на платите на оние кои се изложени на корупција и ризик, е еден од механизмите како може да ја намалиме корупцијата – рече Манчевски.

Тој појасни дека инспекторите имаат исти плати како и другите административни службеници без право на зголемување за соодветниот ризик кој го преземаат при работата.

Магдалена Филиповска Грашкоска, директор на Инспекцискиот совет, информира дека со законот се поедноставуваат условите за вработување на инспекторите и за нивни унапредувања.

– За жал состојбата за кадровската екипираност на инспекциските служби е поприлично на незавидно ниво. Анализата на Инспекцискиот совет од минатата година покажа дека една петтина од вкупниот број на инспектори од централната власт до 2021 година ќе се пензионираат – рече Филиповска Грашкоска.

Според неа, анализата ќе покаже колкав е недостигаат во секоја инспекциска служба.

Законот мора да претпри промени, според изнесеното на јавната расправа, и поради тоа што субјектите што се предмет на надзор не се доволно запознаени со правата и обврските и се оптоварени со голем број надзори.

Со новините се воведува нов концепт на планирање со што ќе се избегнат пречестите надзори врз исти субјекти во релативно краток временски период. Инспекциските служби ќе треба плановите за надзор да ги спроведуваат врз претходно утврдени критеориуми кои дополнително ќе бидат подготвени. Субјектите кои најмалку ги прекршувале законските норми ќе се смета дека се со најмал ризик и за нив ќе се планираат помал број надзори. Задолжително ќе биде користењето на листи за проверки кои ќе бидат и јавно достапни. Нивната цел е да се обезбеди унифициран пристап на различни инспектори од иста служба, односно да не нема ситуација двајца-тројца инспектори за слична фактична состојба да постапуваат различно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...