Околу осум милиони евра инвестираме во реконструкција на патниот правец од Гостивар до Кичево. Реконструкцијата на овој регионален пат е наш приоритет бидејќи е од големо значење за овој дел од државата имајќи предвид дека годишно поминуваат над четири милиони возила, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески од Кичево.
– Вкупно осум милиони евра се инвестираат преку ЈП за државни патишта за реконструирање на патниот правец од Гостивар до Кичево. Ја реконструиравме делницата од Гостивар до Колари и дополнително уште пет мостови. Октомври минатата година започнавме и со реконструкција на оваа делница од Колари до Кичево, но заради временските услови имаше мал застој. Започнато е со интензивно асфалтирање и очекуваме целиот проект да се заврши до крајот на јуни за да може пред летната сезона да овозможиме побезбедно возење на оваа траса – изјави Сугарески.
Тој очекува голема реализација на капиталните инвестиции годинава.
Според министерот, активно се работи и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а годинава се очекува ЈП за државни патишта да заврши со проектирање на првата фаза од Кичево до Букојчани за изградба на нов автопат Гостивар – Кичево.
– Генерално силно сме фокусирани за обезбедување на квалитетна инфрастурктурна мрежа насекаде низ државата и за тоа се реализираат преку една милијарда евра инвестиции – истакна Сугарески