Македонскиот национален MOS натпревар го бара највештиот и најдобар познавач на Мајкрософт офис апликациите. Сите ученици од основни и средни училишта, како и студенти на факултети од Македонија кои се на возраст од 13 до 22 години и кои имаат напредни вештини и познавања за ворд, ексел и пауер поинт, можат да се пријават и да учествуваат на националниот MOS натпревар.
Пријавувањето на натпреварувачите трае до 20ти април, а големото финале ќе се одржи кон крајот на мај во Скопје. Победниот од натпреварот ќе учествува на светскиот натпревар Мајкрософт офис специјалист 2018 година, кој годинава ќе се одржи во Флорида, САД.
Организатор на националниот MOS натпревар е Certiadria, локално претставуван од Семос Едукација а еден од спонзорите на оваа манифестација е „Стоби Флипс“ на „Витаминка“.
„Стоби флипс“ е темата на задачата со тоа што учесниците на натпреварот ќе треба да направат креативни слики од производот направени на 40 различни места во Македонија, кои ќе бидат споделени на сите социјални медиуми користејќи хаштаг #40ГодиниСтобиФлипс и #MOSНатпревар. За да добијат сертификат треба да постават слика со хаштаг #40ГодиниСтобиФлипс и #MOSНатпревар.
Најпознатиот македонски бренд, кој годинава одбележува 40 години постоење го поддржува натпреварот со цел поттикнување на младите и охрабрување за стекнување напредни и корисни вештини и знаења.
Натпреварот ќе се одвива во три фази. Првата е квалификациски дел во кој се врши пријавување за учество во натпреварот на официјалниот веб сајт и се добива квалификациски тест на меил адресата. Во оваа фаза е полагање на официјалните MOS испити од каде ќе се изберат најдобрите 40 кандидати од цела Македонија. Третата фаза е големо финале, кое ќе се одржи кон крајот на мај во Скопје каде ќе се избере шампионот кој ќе патува во Орландо, Флорида и ќе ја претставува Македонија на Светскиот натпревар.
Тестирањето на младите таленти кои ќе се пријават на натпреварот ќе се организира во Скопје, Куманово, Крива Паланка, Струмица, Кочани, Охрид и по потреба и во други градови од кои ќе има повеќе пријавени ученици.
Светскиот натпревар за Мајкрософт офис специјалист се организира 15 години по ред во САД. Глобалниот натпревар е одлична можност младите MOS специјалисти да ги покажат своите вештини, да се забавуваат но и да освојат награда. За првите три најдобри кандидати од целиот свет предвидени се награди од 7.000, 3.000 и 1.500 долари.