Со „Еден месец на село“ МНТ ја отвора новата сезона

125

Македонскиот народен театар вечер ќе ја почне новата сезона 2018/2019 со премиера на комично-тажната приказна „Еден месец на село“ – меѓу најдобрите дела во опусот на Иван Сергеевич Тургењев, кое првпат се поставува во македонски театар, а е во режија на Паоло Маџели.

Таа е меѓу првите реалистични драми што историјата на литературата ги класифицира  во модерен реализам, пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси.

Драмата, првпат поставена во 1872, раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата да ги задржи долго во себе.

Ликот на богатиот земјопоседник Аркадиј Сергеич Ислаев ќе го игра Ѓорѓи Јолевски, кој на прес-конференција по повод премиерата рече дека е исклучително комплициран и за него бил голем предизвик да го работи затоа што преминува од комично во трагично, од сцена во сцена целосно се менува.

– Доживува големи трансформации очекувајќи да ја задржи големата љубов кон својата сопруга од пресијата на неговата конвенционална, традиционална и деспотска мајка, раскинат во тоа двојство на исклучително силни и моќни жени и неговата љубов кон пријателот Ракитин – истакна Јолевски. Подготвувајќи се за улогата, рече тој, и покрај големото актерско искуство, повторно бил ученик и се навратил на методите на Станиславски, а поддршка му биле и се уште необјавените театарски белешки на Владо Цветановски.

Покрај него, во актерската екипа се и: Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска (која го направи преводот на текстот), Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Режисерот Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.

– Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи не е едноставно – истакна Маџели во врска со сложената драмска структура на претставата во која има интервенции и од драматургот Жељка Удовичиќ.

За авторот Тургењев, пак, Маџели рече дека се смета за еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Она што со што го привлекол вниманието е „Приказна на еден ловец“ во кое го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година.

Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургењев ја напишал „Еден месец на село“. Премиерата се совпаѓа и со одбележувањето 200 години од неговото раѓање на 9 ноември. Сценограф на претставата е Лоренцо Банчи, костимограф – Мануела Паладин. Музиката е на композиторот Љупчо Константинов. Таа се изведува во живо и повеќето актери свират на некој инструмент. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...