Националната галерија на Македонија (НГМ) доби грант од 91.000 американски долари од Амбасадата на Соединетите Американски Држави преку Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културата за 2018 година, за проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“.
Договорот за доделување на грантот денеска во Чифте амам ќе го потпишат американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли и министерот за култура Асаф Адеми.
Проектот за кој е доделен грантот е изготвен во 2013 година и за него од Управата за заштита на културното наследство е издадено Конзерваторско одобрение за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на Чифте амамот.
Предвидено е проектот да се спроведува 18 месеци. Реализацијата веќе почна во јуни годинава и во план е да заврши на крајот од 2019 година. НГМ наведува дека таа ќе се одвива во повеќе фази со финансиско учество на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2.000.000 денари, и со помош на средства од доделениот грант во износ од 91.000 американски долари.
– Чифте амам, културно наследство под заштита на државата, кој во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со поддршка на Министерството за култура одобрени се средства за промена на постојното и веќе е инсталирано ново галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е „пријателска“ за изложените артефакти без штетни влијанија. За оваа инвестиција беа одвоени 1.665.000 денари – информира НГМ.
Ова е втор грант што НГМ го добива од Амбасадата на САД. Првиот ѝ беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут-пашиниот амам.