Со гламур и без селфи почна фештата во Кан

Програмата на фестивалот започна со психолошкиот трилер „Секој знае” на иранскиот режисер Асгар Фархади, а во кој главните улоги ги имаат Хавиер Бардем и Пенелопе Круз.

424

Рака под рака, режисерот Мартин Скорсезе и австралиската актерка Кејт Бланшет го прогласија за отворено седумдесет и првото издание на Канскиот филмски фестивал, кој стартува со вообичаениот гламур, но и во екот на справување со прашања за родова рамноправност и други ветришта на промени.

– Сите сме овде затоа што делиме иста страст кон кинематографијата. Овде сме да ја славиме седмата уметност – изјави Скорсезе, кој годинава добива посебно признание на фестивалот.

Програмата на фестивалот започна со психолошкиот трилер „Секој знае” на иранскиот режисер Асгар Фархади, а во кој главните улоги ги имаат Хавиер Бардем и Пенелопе Круз.

Тимот на премиерата на филмот на црвениот тепих зачекори во беспрекорно елегантно издание – мажите во црни костуми со пеперушки, а дамите во долги тоалети, при што Пенелопе за приликата избра црн фустан, без деколте, со проширен дел под колковите.

На црвениот тепих прошетаа и членовите на жирито на главната програма – заедно со претседателката Кејт Бланшет беа и Кристин Стјуарт, Леа Сејду, Ејва ДуВернеј, Каџа Нин, Чанг Чен, Денис Вилнев, Роберт Гудигијан и Андреј Звјагинцев.

Нешто за што најмногу се зборува во медиумите во врска со Канскиот фестивал е и забраната за селфи и други приватни фотографии на црвениот тепих. Уметничкиот директор на фестивалот, Тиери Фремо, изјавил дека било „гротескно“ сите овие години да се гледа како поканетите се сопнуваат на скалите и го кочат редот додека гледаат вос воите мобилни телефони.

– Освен тоа, во Кан не доаѓање за да бидете видени, туку за да гледате – објаснил Фремо.

Годинава од Кан воспоставија и телефонска линија за жртви на сексуално вознемирување на фестивалот. Имено, продуцентот Харви Вајнстин беше редовен гостин на фетсивалот, на кој наводно имало неколку сексуални возменирувања.

Претседателката на жирито изрази жалење за тоа што на режисерите Кирил Серберников и Џафар Панахи, од различни причини, нивните држави не им дозволија да присуствуваат на фестивалот, иако нивните филмови се во конкуренција за Златна палма. Прашана дали политиката ќе влијае на фестивалот и дали овие ситуации ќе бидат земени предвид при оценување на филмовите, Бланшет одговорила:

– Мислам дека ова не стана политички филмски фестивал и мислам дека создавање на едно дело веројатно не е нераздвојно од политиката, но начинот на кој се ќе биде „сварено“ во кинематографијата можеби ќе има политички последици по луѓето и ќе им ги отвори очите, умовите и срцата за ситуации што се случуваат во светот.

ФОТО: EPA/CLEMENS BILAN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...