Граѓаните во 2025 година ќе можат со воз да стигнат до македонско-бугарската граница, но да стигнат до Софија или бугарското пристаниште Буграс ќе треба да почекаат уште две години. Овие информации ги презентира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по потпишувањето на договорот за грантот од ЕБОР наменет за изградба на нова и реконструкција на постојната железничка делница Бељаковце – Крива Паланка.
– Последниот дел од пругата од Крива Паланка до граничниот премин со Бугарија како дел од третата фаза на пругата за Бугарија треба да биде завршен до 2025 година. Овој дел од приугата е најкомпликуван и ќе чини 370 милиони евра. Досега се обезбедени 60 милиони евра од Европската унија, а Министерството за финансии веќе работи на обезбедување на преостанатиот дел од парите – рече Сугарески.
Тој соопшти дека е договорено пругата од бугарска страна да биде завршена до 2027 година.
Изградбата на вториот дел од пругата за чие финасирање се потпиша денешниот договор за грант од 68,6 милиони евра треба да се гради четири години. До крајот на годината треба да биде завршен изборот на изведувачот на работите кој ќе треба од следната година да ја почне изградбата.
За изградба на овој дел од делницата лани на Самитот во Трст беа одобрени и 70 милиони евра.
Договорот за грантот го потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, а на свеченоста присуствуваше и директорката на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје Јоана Јонеску и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерот за финансии Тевдовски рече дека ова е најголем грант што го добива државата за ифраструктурен проект, а амбасадорот Жбогар ги соопшти очекувањата на Европската унија дека визијата за Коридорот осум ќе стане реалност.
Сугарески пак, најави дека ќе биде забрзан процесот на изградба на пругата и ќе се почитуваат роковите. Сепак тој укажа и на проблемите што ги има земјава со изградбата на првиот дел од пругата од Куманово до Бељаковце. Тој рече дека застојот во изградбата на првиот дел од делницата е поради нерешени експропријации. Најави дека за овој дел од делницата ќе мора да се потпише и анекс на договорот за да биде завршена. Од МЖ „Инфраструктура“ пак на почетокот на годинава за застојот во изградбата на првиот дел осевен експропријацијата посочија и на проблеми со погрешно вештачење кое предизвикало низа судски спорови, потоа проблеми со археолошки наоѓалишта како и грешки во проектирање. Имало проблеми и со дозволата за градба поради која имало забрана за работа од една година.
Македонскиот дел од железницата со Бугарија опфаќа изградба на три делници, Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар. Бељаковце-Крива Паланка со долкжина од 32 километри и од Крива Паланка до Деве Баир со должина од 23 километри. Поврзувањето со бугарската страна треба да биде со изградба на тунел во должина од 2.400 метри на граничниот премин Деве Баир.
Вкупната финансиска конструкција на пругата кон Бугарија, проект почнат пред 25 години се проценува да чини меѓу 600 и 700 милиони евра.
На Коридорот 8 Македонија треба железнички да се поврзе и со Албанија, со делницата Кичево-Лин, во должина од 63 километри, за која е готова проектната документација, а за изградбата треба да бидат обезбедени 500 милиони евра.