Со Буџетот за 2019 се намалува буџетскиот дефицит за половина милијарда денари

164

Со Буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5% од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава, информира Министерството за финансии каде денеска се одржува јавна расправа.

Со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната презентација на Предлог-Буџетот за 2019 година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

-Клучна појдовна точка за Буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е  умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5% од проектираниот БДП за 2019 од 2,7% во 2018. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Ова е во согласност со Фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг-рече Тевдовски.

Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, додека вкупните расходи се 228,5 милијарди денари.

Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2% на БДП.  Притоа, Министерството за финансии оди со проекции кои се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции, рече министерот за финансии. Како што посочи Тевдовски, економскиот раст ќе го придвижат солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.

Се очекува стапката на инфлација да е ниска и стабилна – во 2019 е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5%. Исто така, се очекува стапката на невработеност да се намали на околу 20%.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...