Поддршката на малите и средните претпријатија во Македонија е исклучително мала. И покрај обидите на Фондот за иновации, искористеноста на средствата е недоволна и многу е мал бројот на фирми кои од своето основање до евентуално шестата година, како во ЕУ, ги користат услугите, не само финансиски, туку и во делот на ноу-хау, беше речено денеска во Сојузот на стопанските комори (ССК).
Пред презентацијата на можностите за користење на европските фондови, ССК соопшти дека од идниот месец на малите и средните претпријатија ќе им биде достапен т.н. Акцелератор или Првиот центар за иновации и развој, преку кој ќе можат да ги развијат своите идеи во конкретен бизнис.
Акцелераторот официјално почнува со работа денеска, а на компаниите ќе им обезбеди и „ноу хау“ и пристап до финансии од европските фондови. Во него, покрај приватниот сектор, вклучени се и науката, како и претставници од институциите (локалната и централната власт).
– Ова е трипартитниот модел преку кој универзитетите, власта и бизнис заедницата ќе им овозможат на старт-апите да ги реализираат своите бизнис идеи. Акцелераторот всушност ќе го надополни она што им недостасува на малите и средните претпријатија – истакна претседателот на ССК Данела Арсовска.
Според неа, поддршката на малите и средните претпријатија во ЕУ е над 20 отсто и тоа до шестата година од почнувањето бизнис. Во некои земји, дури и банките при финансирањето им даваат средства на претприемачите врз основа на добрите идеи и ги водат во процесот на финансиското работење.
Ксенија Вангелова, директорка на Регионалниот бизнис центар за иновации од кој дел е и Акцелераторот, објасни дека функционирањето е во неколку фази, од идеи на компании и нивно доразвивање, преку креирање нови работни места до трансфер на технологии од европските држави.