Итно бараме оставка на премиерот Бојко Борисов и целата Влада поради манипулирање со податоците за економскиот раст на земјата, изјави пратеникот од парламентарната група на „БСП за Бугарија“, Румен Гечев во декларација од името на социјалистите.
– Декларацијата е по повод нашите сериозни сомнежи и докази, дека тоа се манипулативни податоци доставени до НСИ и БНБ. Растот на бруто домашниот производ (БДП) во Бугарија е многу помал од она што го тврди Владата. Таа ги лаже Бугарите и европските институции, кои не прифаќаат влади и држави што ги лажат – истакна Гечев.
Според него, тоа е причината, поради која бараат оставка на Борисов и неговиот кабинет.
Гечев нагласи дека Владата не ги вклучила огромните количества нафтени продукти, со што ги довела во заблуда аналитичарите, кои наместо да го намалат БДП, поради негативен нето-извоз, тие го зголемиле. Пратеникот е убеден дека станува збор за манипулација, која Европа нема да ја прости.
– Нашите податоци покажуваат дека растот не е 3,3 – 3,4 проценти, туку најмногу достигнува во рамки на 0,8 до еден процент – истакна социјалистот, најавувајќи дека ќе бидат проверени сите првични податоци, фактури за увоз и реални цени.
Претходно, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави во Брисел дека земјата има „втор по големина надворешен долг во ЕУ, а одржливиот раст на БДП повеќе години беше високо оценет од страна на ЕК“.
– Фактот дека треба полека да се движиме кон чекалната на Еврозоната се должи на интервјуто на Стив Ханке. Разговаравме за гаранцијата за курсот на левот – додаде Борисов.
На прашањето кога се очекува Бугарија да влезе во чекалната, Борисов рече дека „времето за кое зборуваме е јули, а не април“.
– Тогаш ќе бидат разгледани и Хрватска и Бугарија. Дотогаш, бугарските банки треба многу внимателно да ја следат солвентноста на капиталот, за да нема пречки. Се движиме кон чекалната само по тој курс и само со апсолутен консензус во земјата – додаде бугарскиот премиер, нагласувајќи дека „не постои држава која го прифатила еврото, а потоа станала посиромашна или послаба“.
ФОТО: EPA / JUNG YEON-JE / POOL