Состојбите во „Еурокомпозит“ денеска на седница на Владата

61

Состојбите во прилепски „Еурокомпозит“ денеска ќе бидат на дневен ред на владината седница како посебна точка, информира денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за плановите за фабриката, чии вработени се на протест пред Владата со барање да се исполни ветеното за решавање на статусот на овој капацитет и исплата на заостанатите плати и придонеси.

– Станува збор за „купување месеци“ додека не заврши комплетната процена за објавување на продажба. Паралелно со тоа, планираме и пакет за испраќање технолошки вишок на оние вработени кои сакаат да заминат – рече Заев, при посетата на Прилеп.

Конечната цел, дополни, ни е интересот на работниците, а секако и иднината на „Еурокомпозит“ зашто се надеваме дека ќе продолжи со производство на материјали за безбедносните служби во земјава, но и производи за извоз.

Вработени во фабриката за производство на воена опрема „Еурокомпозит“ претпладне поставија шатори спроти Владата од каде ги повторија барања да се најде решение за фабриката и да се овозможи исплата на заеостанатите 18 плати и придонеси од 2012 година.

Најавија дека ќе останат таму до конечно решавање на состојбите.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев неодамна информираше дека за „Еурокомпозит“ и за велешка „Колска“ има интерес кај инвеститори и оти е оптимист дека со приватизација ќе се реши проблемот, без отпуштање вработени.

Владата распиша и тендер за избор на меѓународни консултанти, кои треба да изработат професионални длабински анализи во каква состојба се двете фабрики, за да се обезбеди транспарентна продажба на потенцијални инвеститори.

Консултантот што ќе се избере треба да ги утврди сопственичките удели во фирмите, долговите, загубите, но и судските спорови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...