Петстотини и триесет активни акционерски друштва и 70.000 сопственици на харии од вредност од утре ќе можат електронски да преземат извештаи од Централниот депозитар за хартии од вредност. Оваа услуга ќе биде и 30 отсто поевтина од порано.
– Од сега па натаму, акционерските друштва и инвеститорите на хартии од вредност ќе имаат олеснителен пат, поради тоа што дигитализацијата на Централниот депозитар за хартии од вредност ќе ги заштеди сите круцијални ресурси, временски и оперативни, а воедно обезбедува заштита на интересите на засегнатите субјекти- изјави директорката на Централниот депозитар за хартии од вредност, Даринка Дамјановиќ.
Извештаите ќе се преземаат преку посебен веб портал, кој како што беше посочено на промоцијата, е изработен по мерка на потребите на корисниците и е многу лесен за користење.
Преку порталот ќе се добиваат бесплатни релевантни и веродостојни извештаи од информативен карактер, извештаи од информативен карактер што се наплатуваат и верификувани извештаи со електронски потпис и временски жиг. Корисниците ќе може паралелно да ги користат и класичниот начин на добивање на извештаите со доаѓање во Депозитарот во Скопје.