Не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи по врботувањата на блиски роднини на пратеничката од СДСМ Мира Стојчевска. По информацијата дека во ист ден во ЕЛЕМ и во РЕК Битола која работи во состав на државната енергетска компанија се вработени нејзиниот син и брат, денеска се споделува и информација дека и сопругот на Стојчевска пред еден месец е унапреден во командир на Шумската полиција во Делчево.
Плусинфо го контактираше сопругот на Стојчевска, Ило. Тој не криеше дека е унапреден, но прокоментира дека добил само овластување да ја извршува функцијата командир на шумската полиција во Делчево по оставка на претходникот.
– Заменик командир на шумската полиција од Делчево сум од моето вработување при основањето на шумската полиција. Сега имам добиено само овластување за командир оти претходниот командир даде оставка на функцијата – рече Стојчевски.
Тој не знаеше да каже кога точно го добил овластувањето.
– Мислам дека се случи во јануари, но не се сеќавам кој ден беше. Сепак, за да ја запазиме процедурата, повеќе информации околку ова, побарајте од началничката – рече Стојчевски.
Побаравме одговор и од Министерството за земјоделство каде што ресорно припаѓа шумската полиција кога се случило назначувањето на Стојчевски за командир на шумската полиција, но сѐ уште не добивме одговор.
За пратеничката Мира Стојчевска се зборува и дека е главниот кадровик во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.