Неколку дена по нејзината смрт, Енди Спејд прозборе во јавноста за својата сопруга, која според него, била прекрасна жена и негов најдобар пријател цели 35 години. Тој изјавил дека неговото и срцето на нивната ќерка се скршени и дека не можат да се помират со оваа загуба.
За јавноста, Енди открил дека Кејт страдала од ментално нарушување, депресија и анксиозност, а со години посетувала и лекари. Тие се чуле претходната вечер и тој тврди дека звучела најнормално, без било каков знак дека нешто се случува.
Во последните десет месеци, Енди и Кејт живееле разделено, а ќерката живеела со двајцата, но никогаш не размислувале за развод. И покрај разделеното живеење, тие оделе на заеднички излети, одмори и ручеци.
– Ние бевме свесни за проблемите во нашиот однос, но ги решававме како пријатели. Предолго време се сакавме и потребна ни беше пауза. Само ова е вистина и сè останато што се пласира во медиумите е лага. Кејт не злоупотребуваше лекови, ниту пиеше алкохол – вели Енди Спејд.
Тој, исто така, очекува наскоро да го види и прошталното писмо, бидејќи не верува во наводите на медиумите дека во него пишувало: „Беа (ќерката), те сакам. Ова не е твоја вина. Прашај го татко ти“.
Токму поради овие пишувања јавноста смета дека токму Енди е виновник за самоубиството на Кејт, но ништо од тоа не е официјално потврдено, ниту пак содржината на прошталното писмо.