Поранешната сопруга на Харви Вајнстин, модната дизајнерка Џорџина Чепмен, за првпат јавно проговори во врска со скандалот со сексуално напастување во забавната индустрија, изјавувајќи дека тотално не била свесна за постапките на продуцентот додека биле во брак.
Чепмен во ново интервју за магазинот „Вог“ емотивно објаснила дека таа била „ужасно наивна“ во врска со однесувањето на нејзиниот сега веќе поранешен сопруг и дека никогаш не се посомневала во ништо за што сега го обвинуваат.
По објавите за скандалот во „Њујорк тајмс“ и во „Њујоркер“, во кои детално се опишуваше однесувањето на Харви Вајнстин, Чепмен, која со продуцентот има две малолетни деца, објави дека го напушта. Нивниот развод сè уште не е финализиран.
Агонија
– Ослабнав неколку килограми, не можев да јадам. Ми се вртеше во главата. беше тешко затоа што првата сторија се однесуваше на период пред да го запознаам, па беше тешко да донесам одлука. Потоа продолжија сториите и сфатив дека тоа не бил изолиран инцидент. Знаев дека мора да се повлечам и да ги извлечам децата оттаму – изјавила Чепмен за тоа кога почнала да ги дознава информациите.
Кон крајот на минатата година, 66-годишниот Вајнстин беше обвинет за сексуални напади и напаствувања од голем број жени, при што некои од наводните секс скандали се случиле додека тој бил во брак со 42-годишната Чепмен. Харви Вајнстин ги негираше сите обвинувања за неконсензуален секс, но неговата продукциска компанија го отстрани од бизнисот, а подоцна беше исфрлен и од американската Академија на филмска уметност и науки.
Чепмен призна дека неколку месеци откако почнале јавните обвинувања, се чувствувала понижено и скршено, а сега, откако посетувала терапевт, вели дека сè уште е тешко.
– Мислев дека имам многу среќен брак. Го сакав мојот живот. Не сакам да ме сметаат за жртва… затоа што не мислам дека сум. Јас сум жена во незавидна ситуација, но не сум единствената – посочува Џорџина.
Планови
Деновиве, вели таа, се обидува да продолжи напред. По избивање на скандалот, многу холивудски ѕвезди го бојкотираа нејзиниот моден бренд „Маркеза“ поради нејзиниот сопруг. На настанот Мет гала, актерката Скарлет Јохансон стана првата холивудската ѕвезда, која после секс скандалот облече креација на „Маркеза“ за црвениот тепих.
Џорџина Чепмен сега размислува и да си замине од куќата во Менхетн што ја делеше со Вајнстин. Нејзината цел е да има помирен живот и да ги однесе своите деца на фарма во околината на Њујорк.
– Мојата ќерка обожава да јава, мојот син сака животни. Мора да направам фарма. Можеби ќе создадам подобар живот за своите деца, надвор од сето ова – вели Чепмен.