Сомнителен пакет испратен е и до демократот Том Стејер, познат по тоа што претходно бараше импичмент за претседателот Доналд Трамп.
Американските власти приведоа и подигнаа обвинение против едно лице, осомничено дека испраќал пакети со експлозивни направи. Тој е идентификуван како Сизар Сајок (56) и е обвинет по пет точки, меѓу кои и испраќање на експлозив по пошта до политичари и медиуми. Ако Сајок биде прогласен за виновен може да биде осуден на 58 години затвор.
Трамп изјави дека на сторителот ќе му биде судено „до крајните законски граници“
– Никогаш нема да дозволиме политичкото насилство да пушти корења во САД – изјави Трамп коментирајќи го апсењето на Сајок.
Повеќе пакети со импровизирани бомби беа пресретнати во изминатите неколку дена во САД. Пакетите, меѓу другите, беа наменети за поранешниот претседател Барак Обама, поранешната кандидатка за претседател Хилари Клинтон, како и за Си-Ен-Ен.
Ниту една бомба не експлодира и никој не е повреден.
Фото: EPA/JUSTIN LANE