Солзавец и водени топови против протестантите во Брисел

84

Во Брисел денеска се одржаа протести против усвојувањето на глобалниот Договор на Обединетите нации за мигрантите.

Пред седиштето на Европската унија во Брисел, полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите.

Локалните власти првично го забранија денешниот протест, стравувајќи дека може да дојде до насилство, но Врховниот суд на Белгија ја повлече забраната, повикувајќи се на правото на граѓаните на мирен протест.

Полицијата во Брисел соопшти дека некои демонстранти станале насилни откако од нив било побарано да се разотидат.

За Договорот на ОН за мигрантите, кој на 10 декември во Маракеш, во Мароко, го потпишаа повеќе од 160 земји, приврзаниците тврдат дека обезбедува гаранции за сигурно и хумано движење на луѓето ширум светот, што, наводно, ќе им помогне на националните економии да ја подмладат работната сила.

Противниците на миграцијата, пак, тврдат дека Договорот ќе го доведе во прашање националниот суверенитет и идентитет, како и дека ќе се наруши безбедноста на граѓаните.

Станува збор за документ на чии 34 страници се претставени 23 цели за обезбедување „сигурна, уредна и регуларна“ миграција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...