Во Кинотеката од денеска до 23 февруари ќе се одржува Фестивал на современи ирански и македонски филмови. Ќе почне вечер со проекции на „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска од 18 часот и иранскиот „Влакнеста приказна“ по сценарио и режија на Амир Хомајон Ганизадех од 20 часот.
На програмата утре се „Врба“ на Милчо Манчевски и иранскиот „Инвазија“ во режија на Шахрам Мокри. Во наредните денови ќе бидат прикажани и „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски и иранскиот „Овци“ на Хоуман Сеједи (19 февруари), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска и иранскиот „Темната соба“ на Рухолах Хејази (20 февруари), „Тука“ на Хади Мохагег и „Астигматизам“ во режија на Пајам Карами и Маџид-Реза Мостафави (22 февруари) и „Развод заради мачки“ на Мохамад-Али Саџади и „Реза“ на режисерот Алиреза Мотамеди (23 февруари).
Влезот за посетители е бесплатен.