Советник на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Јасин Актај, вели дека верува оти телото на убиениот саудиски новинар, Џамал Кашоги, откако било искасапено било потопено во киселина.
Актај рекол дека единствен логичен заклучок е дека оние кои го убиле Кашоги во Истанбул, го уништиле неговото тело за да не остават траги зад себе, пренесува Би-Би-Си.
Не се најдени форензички докази дека неговото тело е потопено во киселина.
– Причина поради која го искасапиле телото на Кашоги е за да што полесно ги растопат неговите остатоци – додал Актај за турскиот весник „Хуриет дејли“.
Овие тврдења се јавуваат во моменти кога вереницата на Кашоги ги повика светските лидери да ги доведат сторителите пред лицето на правдата, во текст објавен од пет весници, вклучително и од лондонски „Гардијан“ и „Вашингтон пост“.