Американскиот рапер Снуп Дог викендов бил зафатен испишувајќи историја и уривајќи рекорди – го направи најголемиот коктел.
Снуп Дог својот рекорд го регистрира на фестивалот „Ботл Рок Нејпа Вели“, кога направи мешавина од џин и џус. Тој искористил 180 шишиња џин „хендрикс“, 154 шишиња бренди од кајсија и 38 кантички од џус од портокал. Коктелот го послужил во чаша висока 150 сантиметри и широка 90 сантиметри.
И тоа не би бил вистински „рајски коктел“ без розово чадорче и џиновска цевка, што Снуп ги ставил за мешање на рекордниот пијалак.
Коктелот имал 548 литри течност. За рекордот за најголем рајски коктел, раперот добил сертификат од претставник од Гинисовата книга на рекорди кој присуствувал на настанот. Нема официјална информација што се случило со коктелот откако бил регистриран светскиот рекорд.
Раперот својот Гинисов потфат го прослави со објава на својот профил на Инстаграм, објавувајќи фотографија на која тој е на сцена со џиновскиот коктел од џин и џус.
Инаку „Џин и џус“ („Gin and Juice“) е вториот сингл на Снуп Дог од неговиот деби албум „Doggystyle“. Овој сингл се искачи меѓу првите десет песни на листата на Билборд во САД. Песната го катапултира меѓу славните овој уметник во 1994 година.
На почетокот на својата кариера уметничкото име му беше Снуп Доги Дог, но во 1998 година, по напуштената матична издавачка куќа „Дет роу рекордс“, го скрати своето име во Снуп Дог. Исто така е познат и по тоа што го популаризирал сленг терминот „-изл“. Со музика започнал да се занимава заедно со својот пријател Ворен Џи, инаку полубрат на познатиот рапер Др. Дре, кој веднаш го воочил неговиот квалитет. Познат е и како голем пријател на починатиот Тупак Шакур.