Снегот направи хаос во сообраќајот во Германија и Австрија

494
Photo: EPA/CHRISTIAN BRUNA

Силни снежни врнежи денеска предизвикаа хаос во сообраќајот во делови на Германија и Австрија, бидејќи властите во двете земји поради опасност мораа да затворат некои патишта и да откажат железнички и авио линии.

Аеродромот во Минхен, вториот најголем во Германија, соопшти дека се откажани 120 летови, а многу летови се одложени се додека не бидат исчистени пистите од снегот.

Австриската железница соопшти дека неколку линии се затворени поради опасност од лавини.

Властите во таа земја соопштија дека неколку патишта се затворени, вклучувајќи го и оној што води кон Бишофсхофен, град кој треба да биде домаќин на годинашниот натпревар во ски скокови „Фор хилс“, затоа што преку ноќта паднале 50 сантиметри снег.

Австрискиот јавен сервис објави дека мало село во Тирол е евакуирано поради страв од голема лавина, што силниот ветер би можел да ја покрене.

Во меѓувреме, околу 600 жители и туристи се заробени во селото Селтакл поради блокирани патишта.

Аеродромот во Инсбрук соопшти дека „актуелните услови доведоа до голем застој во авиосообраќајот“ и ги повика патниците да го следат статусот на своите летови пред да се упатат кон аеродромот.

Метеоролозите предвидуваат големи силни врнежи и во наредните денови во јужните делови на Германија и Австрија.

Photo: EPA/CHRISTIAN BRUNA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...