Сметководителите забележуваат на брзите измени на законите

Претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски на денешната прес-конференција рече дека брзите промени посебно во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите.

274

Брзото менување на законите често води кон импровизирање и донесување на  законски решенија кои се неприменливи во практика и тешки за толкување, велат од Комората на сметководители.

Оттаму бараат при донесувањето на законите да се слуша и мислењето на бизнисите кои се најзасеганти со нив.

Претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски на денешната прес-конференција рече дека брзите промени посебно во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите.

– Да го земеме Закон за данок на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација, а по една година се одложи неговата примена. Дополнително, од јануари стапуваат на сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кои придонесите растат за 0,5% со што нивниот кумулативен раст од лани е 1%. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход, е веќе 50% на основа на нето платата која вработените ја земаат сметаме дека со ова се става преголем товар на и онака кревкото стопанство – истакна Митковски.

Благоја Грозданов, пак смета дека постојаното менување на законите е тешко да се следи кај малите фирми.

– Mалите и средни фирми кои очекуваме да бидат двигател на економијата немаат на располагање тим на советници кои постојано ќе ги информира и ќе им помага во примената на новата регулатива. Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите – вели Грозданов.

Според него проблем со брзо донесените закони е и тоа што често се непрецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите.

Комората на сметководители предупреди и најавената нова глобална економска криза која се заканува во САД, Европа, но и во нашето соседство.

– Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз – рече Грозданов.

Од Комората апелираат завршните сметки да ги потпишуваат само овластените сметководители, со што покрај одговорноста ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...