Сметководителите бараат сериозна контрола на тргувањето на интернет

Без соодветна контрола на тргувањето на интернет со подигнувањето на прагот на ослободување од царина за пратки на 90 евра се отвора можност за зголемување на сивата економија.

653

Да се воспостави посериозна контрола на набавените на стоки на интернет за кои владата го подигна прагот за ослободување од царина до 90 евра, бара Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори. Оттаму бараат при донесување на нови законски измени и закони да се прават подобри анализи во кои ќе бидат вклучени и засегнатите страни за да нема проблеми при имплементацијата.

Беким Есати од Комора рече дека без соодветна контрола на тргувањето на интернет со подигнувањето на прагот на ослободување од царина за пратки на 90 евра се дава можност за зголемување на сивата економија.

– Поточно, можно е да се врши препродажба на продукти, кои ќе влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители особено во делот на техника, облека, апарати за домаќинство, накит, телефони, играчки за деца, спортска опрема, козметика и ред други производи. Прагот во ЕУ е повисок бидејќи таму и примањата се значително повисоки, но за разлика од Македонија во ЕУ има и систем на електронска контрола кое лице и колку пати во денот носи пратки, кај нас со ова се остава можност да се изигра на штета на увозниците кои плаќаат данок – вели Есати

Тој додава дека во земјава се тргува исклучиво од увоз на малопродажба пред се од земјите од Источна Азија, а не од Европската Унија и Америка.

На денешната прес-конфењрнеција сметководителите се пожалија и дека при донесување на нови закони и измени на закони не се прават вистински анализи и не се слуша мислењето на бизнисот. Па така, велат, од Комората се случува поради брзината на донесување на промените да се случи да нема соодветни обрсци со што им се компликува работењето.

– Во екот на изготвување на завршни сметки, од страна на Mинистерството за финансии се воведува целосно променет извештај за данок на добивка, образец ДБ за чие пополнување во некои случаи можно е да треба да се смени сметководствената евиденција уште од почетокот на годината. Со ваквите брзи промени во легислативата кои имаат ретроактивна имликација на даночните обврзници воопшто не им се дава можност за даночно планирање како една од најважните активности на почетокот на годината – вели Благоја Грозданов од Комората.

Тој смета дека проблемите настануваат поради несинхронизирано дејствување на институциите и институциите и бизнисот.

– Згора на сѐ, како последица на несинхронизираноста и отсуството на комуникација меѓу државните институции, бидејќи и таму постојат неажурирани актуелните обрасци и сметководителите се ставени во недоумица дали да поднесуваат електронски застарени обрасци или актуелни хартиени – вели тој.

Сметководителите забележаа и на тоа што секојдневно преку законите им се додаваат нови обвриски како онаа за спроведување на Законот за перење пари, во делот на подготовка на информации за вистинските сопственици на фирмите при пополнувањето на Регистерот на вистински сопственици кој ќе стартува набрзо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...