Постоечкиот комплексен Закон за работни односи не укажува доволно јасно на заштита на работничките права и на обврските на работниците и работодавачите, оцени министерката за труд и социјала Мила Цароска на работилницата ,,Реформи на пазарот на труд во Македонија – Што можеме да научиме од искуството на Словенија?’’како дел од дебатата за реформи на пазарот на труд и донесувањето на нов Закон за работни односи, кој треба да се усвои до крајот на годинава.
– Во процесот на носење нов закон се потребни анализи од аспект на микроекономски индикатори, за што земјава добива експертска поддршка од Светска банка. Но, од друга страна, очекувам синдикатите и здруженијата на граѓани да ја дадат другата перспектива за овој закон да даде максимална заштита на работниците. Целта е да добиеме добар баланс помеѓу едното и другото, затоа што ниту една држава не успеала да го развие пазарот ако има преригиден закон за едната или за другата страна – изјави Царовска.
Консултантите Јан Рутковски и Милан Водопивец ги презентираа предизвиците поврзани со законската рамка во Македонија и искуството и резултатите од реформата на пазарот на труд во Словенија. Во однос на тоа, министерката Царовска посочи дека покрај националните капацитети за подготовка на новиот ЗРО, позитивно е вклучувањето на експерти од регионот, кои веќе го поминале овој процес и низ социјален дијалог донесле паметен закон, кој што обезбедил заштита и почитување на обврските од двете страни.