Словенечкиот министер обвинет за мешање во изборниот процес поднесе оставка

56

Словенечкиот министер без ресор, задолжен за развој, стартешки проекти и кохезивна политика Марко Бандели денеска поднесе оставка на функцијата, откако премиерот Марјан Шарец вчера побара негово повлекување поради „прекршување на етичкиот кодекс на државните службеници“.

Шарец вчера го обвини Бандели дека во повеќе наврати надвор од работното време ја користел специјалната сигнализација на неговиот автомобил за побрзо движење низ сообраќајот, како и поради некоректен однос кон колегите и неисполнување на обврските што му биле доверени од премиерот.

– Доколку Бандели сам не поднесе оставка, тогаш утре во Парламентот премиерот ќе побара негова смена, соопшти вчера Кабинетот на Шарец.

Оставката на Бандели следи по скандалот обелоденет пред неколку недели, откако медиумите објавија електронска комуникација во која тој го наговара Ерик Модич, еден од кандидатите за градоначалник на малата општина Комен, да се откаже од кандидатурата, бидејќи во спротивно општината би можела да остане без потенцијалните средства од европскиот кохезивен фонд и испланираните средства за инфраструктура. За тие пари му посочил дека одлучуваат тој и министерката за инфраструктура и лидерка на неговата партија, Аленка Братушек.

Откако медиумите ја објавија пораката на Бандели, тој изрази жалење, но сепак се бранеше со својот „брз темперамент“ и фактот дека во таа општина некогаш и тој бил на важна позиција, односно дека станува збор за „пријателско“ допишување преку електронска пошта.

На оставката на Бандели реагираше министерката Братушек, која го обвини премиерот Шарец за прекршување на коалицискиот договор. Според Братушек, пред да побара оставка од Бандели, Шарец требало прво да разговара со неа за настанатата состојба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...