Слободната сириска армија испрати воени единици на линиите на фронтот на подрачјата во Сирија ослободени со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, јави агенцијата Анадолија.
Возила со тешко вооружување и оклопни возила на Дивизијата „Хамза“, поврзана со Слободната сириска армија, се упатиле кон линиите на фронтот во Манбиџ, односно на линијата на разделување со сириските курдски Сили за заштита на народот и силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Анадолија дознава дека силите упатени кон Манбиџ, кој е под контрола на Силите за заштита на народот, ќе бидат задолжени за важни задачи во операцијата што Турција би можела да ја започне врз Манбиџ.
– Нашите единици тргнаа кон патот на линиите на контакт со подрачјата под опсада на терористичките организации – изјавил Ебу Језен, еден од командантите.
Језен ги повика цивилите во Манбиџ да се оддалечат од подрачјето на кое се позиционирани припадниците на Силите за заштита на народот.
– Ние ќе го расчистиме Манбиџ од терористите и тој ќе биде ослободен – рекол Ебу Језен – пренесува Анадолија.
На 14 декември турскиот претседател РеЏеп Тајип Ердоган изјави дека турските сили ќе влезат во сирискиот град Манбиџ, ако САД не обезбедат повлекување на Силите за заштита на народот од регионот.