Првата официјална вечера со шеф на странска држава во Белата куќа, што Доналд Трамп ја организира откако е избран за претседател, беше во чест на Французинот Емануел Макрон. Но, сите очи беа вперени во домаќинката, Меланија Трамп, која се покажа во одлично светло.
Секој детаљ за вечерата бил внимателно следен од првата дама, која, за разлика од некои нејзини претходнички, не ангажирала планер за настани или други надворешни консултанти за пригодата, потврдиле од Белата куќа.
Менито за гостите, по барање на првата дама на САД, се состоело од јагнешко со џамбалаја од каролински ориз, подготвено на њуорлеански начин, а за десерт имало колач од нектарини и сладолед.
Трпезаријата била украсена со бели цветови и цветни гранки од цреша, додека Меланија одлучила присутните да се гоштеваат во чинии со златно-кремава боја од сервиси од времето на Бил Клинтон и Џорџ Буш.
Како „отелотворување на историското пријателство“ меѓу Франција и САД, се служеле американски вина.
Освен Емануел Макрон и неговата сопруга, Брижит Макрон, на првата државна вечера во САД присуствувале и милијардери и политичари. Меѓу присутните, бележи „Ју-ес-еј тудеј“, биле и шефот на „Епл“, Тим Кук, медиумскиот могул Руперт Мурдок со неговата четврта сопруга Џери Хол Мурдок и поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер со сопругата.
На вечерата присуствувале и првата ќерка на Трамп, Иванка Трамп со сопругот и Џаред Кушнер.
Не е тајна дека Меланија Трамп сака европски дизајнери, па за државната вечера за парот Макрон се дотерала во тоалета од брендот „Шанел“. Таа носела долг сребреникав фустан без ракави, на кој имало рачно изработени детали и кристали. Додека нејзините избори за облека често немаат директна врска со странските достоинственици во нејзино присуство или со припадници на јавноста, со носењето на „Шанел“ за оваа пригода им оддава почит на францускиот претседател и неговата сопруга и го изразува својот богат стил. Таква тоалета може да чини и стотици илјади долари, но за настани од ваков тип дозволено е дизајнерот да го подари фустанот што ќе го носи првата дама и што потоа е сопственост на Националниот архив.
За државната вечера, Меланија со недели се едуцирала за протоклот и историјата на посебни пригоди во Белата куќа. Традицијата за државна вечера датира од 1874 година и ова е 14-ти пат Белата куќа да е домаќин на Франција.
– За апсолутно неверојатната прва дама на САД – ти благодарам што направи оваа вечер да биде незаборавна. Ти благодарам Меланија – изјавил Доналд Трамп за време на здравицата на државната вечера во име на трудот на неговата сопруга за приемот на гостите, што било проследено со аплауз.
ФОТО: твитер и EPA-EFE/CHRIS KLEPONIS / POOL , EPA-EFE/ERIK S. LESSER