Британски политичари ги осудија заканите на полициската управа во Лондон дека ќе тужи новинари кои ги објавуваат протечените доверливи документи, што дошле во нивна сопственост по дипломатскиот скандал со британскиот амбасадор во САД.
Британската полиција покрена кривична истрага поради „протекување“ доверливи дипломатски документи, што беше причина за оставка на британскиот амбасадор во САД.
Истрагата ја води антитерористичката полиција, во чии надлежности се истрагите за кршење на британскиот Закон за државни тајни.
„Мејл он сандеј“ ги објави телеграмите во кои британскиот амбасадор Ким Дерок ја опишал администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп како „дисфункционална, невнимателна и неспособна“. Потоа Трамп веднаш возврати, нарекувајќи го амбасадорот „помпезна будала“, по што Дерок поднесе оставка, истакнувајќи дека е невозможно да продолжи да ја извршува својата работа.
Заменик началникот на лондонската полиција Нил Басу ги повика одговорните за истекот на доверливите информации да се предадат, предупредувајќи дека објавувањето на каков бил дел од останатите протечени документи „може да се смета како криминал“.
– Би ги советувал сите сопственици, уредници и издавачи на социјалните и традиционалните медиуми да не ги објавуваат протечените документи, кои можеби веќе се наоѓаат во нивни раце или, пак, можеби ќе им бидат понудени, туку да и ги предадат на полицијата или да му ги вратат на законскиот сопственик, а тоа е Владата на Обединетото Кралство – истакна Басу.
Двајцата претенденти за иден британски премиер – актуелниот министер за надворешни работи Џереми Хант и фаворитот во изборната трка Борис Џонсон, изразија несогласување со таквиот став на полицијата.
Хант напиша на Твитер дека полицијата треба да истражува како протекле доверливите документи, но „категорично го поддржува правото на медиумите да ги објавуваат протечените документи доколку новинарите ги добијат и ако сметаат дека тоа е во интерес на јавноста. Тоа е нивна работа“.
Џонсон, исто така, даде сличен коментар дека „не може да се прифати кој било медиум да се најде на удар на судството бидејќи објавува такви материјали“, оценувајќи дека „протечените материјали, дури и да создадат непријатна ситуација, не претставуваат закана за британската национална безбедност“.