Адријана Данчевска, која припаѓа на новиот бран млади македнски кореографи, а е дел од уметничкиот тим на Скопје танцовиот театар, на покана на универзитетот Кодартс – Ротердамската академија за танц, ја подготвува во Ротердам кратката кореографија под наслов „Скеч“ во која настапуваат танчерите Наоми Калвазара, Флавио Кјусисана, Исаја Вилсон, Елведин Силеџич и Елена Нилсен.
Оригиналната музика за кореографијата е на Александар Гроздановски, костимите се на Асалија Каџе, во продукција на Кодартс. Кореографијата ќе биде дел од изведувачката програма која компанијата при академијата ја изведува низ Холандија и Европа.
– Многу сум среќна што имам ваква шанса да работам во Холандија на високо професионално ниво. Ова е извонредна можност за нова креација, имам одлична соработка со танчерите и со нетрпение ја очекуваме премиерата. Драго ми е што сум дел од Скопје танцовиот театар, компанија која ги поддржува младите и што ние, кои сме дел од неа, имаме можност да танцуваме на најдобрите светски сцени, а воедно и да се развиваме како кореографи во земјава и надвор од неа – вели Данчевска.
Адријана Данчевска е дел од новиот бран млади кореографи на Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Работи како танчер и кореограф во Скопје танцовиот театар, под уметничко водство на Рисима Рисимкин и е стручен соработник на Катедрата за современ танц при Универзитетот “Гоце Делчев”, Штип. Во моментов ги завршува магистерските студии на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕСРА, Скопје-Париз-ЊуЈорк, каде и дипломира во 2014 година на Скопје танцовата академија.
Како танчер Данчевска настапува во редовниот репертоар на Скопје танцовиот театар во Скопје и низ земјава и надвор од неа – „Фестивал за современ танц и невербален театар“, Санвинченто, Хрватска, Саем за танц во Дизелдорф и Културбункер Келн, Германија; „Масданца“, Канарски острови; ИТС фестивал, Амстердам и „Отворена сцена“ во Хаг и Ротердам, Холандија, „Танец Прага“, Република Чешка, „Културна сезона“ во Чуанџо и „Средба во Пекинг“ фестивалот, Кина како и на „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија и „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД.