Сто и педесет оџаци се запалиле во 2018 година, пожарникарите имале полни раце работа, за Плусинфо вели командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски.
Лани пламените јазици одзеле 7 животи, додека 20 лица се здобиле со повреди. Извршувајќи си ја својата работа, петмина пожарникари биле повредени, а еден загинал.
– Од 1.570 пријави за пожар изминатата година, 1.264 биле пожарни интервенции, 115 технички интервенции од типот на сообраќајки и сечење на возила, а 168 биле противпожарни обезбедувања како на пример спортски натпревари и митинзи – појасни Симоновски.
Од пожарите, 803 се случиле на отворен простор поради запалени контејнери, ѓубре, трева.
– Најчести причини за пожар биле електрична инсталација, оџаци, човечки фактор (фрлање пикавец, палење контејнер и слично), невнимание – додаде командантот.
Симоновски апелира до граѓаните да не ги палат подземните и уличните контејнери, да се грижат подобро за животната средина, да ги чистат оџаците навремено и да внимаваат на ситници, кои иако во моментот може да се чинат безначајни, може да доведат до трагедија.
Тој ги советува граѓаните да се грижат за околината и да им ја остават во добра состојба на следните генерации.