Пожарна, итно дојдете во Ченто! Ве молам, мачето ме нападна мене, а се обиде и двете деца. Заклучени сме на тераса! Вака звучела испаничената скопјанка кога се јавила на „193“, телефонот на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Ова е една од најдраматичните случки во која пред околу еден месец интервенирале скопските пожарникари, а да не е повикот за пожар, па спаѓа во т.н. технички интервенции. Од јануари досега помогнале во дури 170 вакви немили настани.
По помошта која шестмина припадници на ПП бригада ѝ ја пружија на повредената во маркетот „Рамстор“ во минатиот четврток, се интересиравме за какви сѐ случаи, а да не е пожар или сообраќајка во прашање, граѓаните ги бараат овие храбри луѓе.
– Ова е еден од понеобичните случаи кои и нас многу нѐ потресоа, бидејќи лицето на жената беше речиси измасакрирано од нападот на мачката, која, инаку, е домашна и ја чувале со години. Повикот беше лично од неа, од стан во Ченто на претпоследна „45-ка“, а жената се јави од тераса на која се заклучила, за мачката да не продолжи да ги напаѓа неа и децата. Мачката останала затворена во станот, а без повреди, за среќа, останале двете деца и гостинчето на ќерката. Претпоставуваме дека, најверојатно, мачето било љубоморно на другарчето на ќерката, па дека тоа било можната причина за овој многу агресивен напад врз сопственичката – раскажува Владимир Симоновски, командант на Бригадата.
Втор случај, исто со маче, во кој скопските пожарникари интервенирале е во Тафталиџе. За среќа, овојпат мачето не е „лошото момче“ во приказната.
– Пред недела дена спасувавме маченце во оваа скопска населба, кое цвилело и плачело речиси цела недела, бидејќи било заглавено во подрум и тоа во решетки. Наша екипа отиде на самото место и го извади мачето од подрумот. Инаку, често, речиси секој ден одглавуваме лифтови. Сега имаше жена заглавена во катната гаража спроти ГТЦ. Вадиме и граѓани од бунар, еве скоро извадивме 67-годишна жена во Булачани која пропаднала во бунар, а многу пати сме ваделе и давеници – вели Симоновски.
Гостите без нагли движења и звуци, а ако миленичето напаѓа – во карантин!
Во скопската Зоолошка градина ни објаснија во кои случаи маче кое е домашно милениче може да го нападне газдата.
– И во тие ретки случаи обично се поставува сомнеж на беснило, па мачката треба да се залови и набљудува две недели дали има промени во однесувањето за да се исклучи дека е заразена со беснило. Во овие случаи мачката или кучето кое нападнало, се ставаат во карантин, за да се исклучи сомнежот на беснило. Кај домашните миленичиња, мачки во случајов, може да се јави и реакција на некој крик или нагли движења од луѓето, од страв дека тие може да предизвикаат напад. Значи, миленичињата можат да бидат агресивни и кон сопствениците во крајна инстанца и во знак на одбрана, па во случајот и кога сопственичката најверојатно му се доближила да го смири, мачката го протолкувала тоа како можен напад и станала агресивна – објаснуваат ветеринарите.
Како мерка на заштита од напад на домашно милениче, тие ги набројуваат: доколку животното дава знаци дека не е расположено, тогаш луѓето да не инсистираат на галење, мазење. Ако миленичето е вознемирено во присуство на непознати луѓе, тие да се повлечат и да не се инсистира веднаш дружба со кучето или со мачето. Ако животното сака да биде само, тоа да се почитува, бидејќи најчесто и за него е шок присуството на непознати лица – додаваат ветеринарите.
Преку тераса влегуваат за да не ја обиваат вратата!
Некои од почестите интервенции на пожарникарите се кога деца или некој друг член од семејството ќе се заклучат дома, па не можат да ја отворат вратата.
– Отвораме и влезни врати кога дома ќе се заклучаат за да не ја обиеме вратата. Успеваме преку противпожарните скали или преку тераса да влеземе, за вратата да не се обива. За отворање ПВЦ прозори во вакви случаи, а да не се оштетат, неодамна имавме и обука за наши вработени – додава Симоновски.
Тој вели дека има најразлични повици до „193“.
– Видете, секакви повици има – некои ни нарачуваат скара, некои дишат во слушалка… Но неодамна поставивме нова дигитална централа па многу скоро и ќе ги снимаме разговорите и по кодот веднаш ќе знаеме кој ни се јавил – најавува командантот Симоновски.