Краткиот филм „Скаут“ во режија на Алекс Цветков е избран во натпреварувачката програма на 23. фестивал за краткометражен филм „Л.А. Шортс“ што ќе се одржува од 17 до 25 јули во Лос Анџелес, соопшти Агенцијата за филм.
„Л.А. Шортс“ е официјален квалификациски настан за награда на кратките филмови на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА). Победниците на фестивалот имаат право да освојат „БАФТА“ а најголем дел од филмовите селектирани на овој фествал речиси секоја година се дел од селекцијата во трката за престижниот „Оскар“.
Петнаесетминутниот филм „Извидник“ (Scout) е модерна драма во која централен лик е професионалниот тркач со мотори Гус, кој во еден миг воден од преголеми амбиции ќе го загуби тоа што му e најмило.
Филмот е македонско-хрватско-словенечка копродукција. Македонски продуцент е „Ново македонско видео“. Финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Mакедонија.
Алекс Цветков е млад режисер кој студира режија на Њујоршката филмска акедемија во Лос Анџелес. Цветков досега режирал повеќе реклами, музички видеа и краткометражни филмови и како сценарист и режисер бил дел од неколку значајни филмски фестивали во Америка.
„Скаут“ беше премиерно прикажан на затворањето на минатогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.