Британската служба за електронско разузнавање ГЦХК во текот на 2013 година извршила упад во мрежата на белгиската државна телекомуникациска компанија „Белгаком“, се тврди во таен извештај на Јавното обвинителство на Белгија доставен до белгиското Министерство за правда.
Како што јавија белгиските медиуми, кои објавуваат делови од извештајот, британските разузнавачи упаднале во системот на „Белгаком“ и со вирус ги инфицирале компјутерите на раководните лица на компанијата и на службениците задолжени за техничка поддршка и безбедност.
Според сознанијата на Обвинителството, упадот бил извршен преку платформата Линкедин.
Обвинителството го открило упадот благодарение на податоците што ги објави поранешниот соработник на американското разунавање Едвард Сноуден.
Наредбата за ваквата операција била издадена од „многу висока позиција, најверојатно од британскиот министер за внатрешни работи“, се тврди во извештајот.
Последниве години во неколку наврати беше соопштено дека се забележани упади во електронските системи на белгискиот премиер и министерствата за надворешни работи и одбрана на Белгија, како на „Белгаком“.
Во некои од овие извештаи беше посочувано дека упадите се дело на американската Агенција на национална бебзедност (НСА), за која се тврдеше дека во соработка со британските разузнавачи, ги следела и комуникациите на германската канцеларка Ангела Меркел, на поранешниот француски претседател Никола Саркози, екс-генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, некогашниот италијански премиер Силвио Берлускони и на актуелниот прв човек на израелската Влада, Бенјамин Нетанјаху.