Скали претворени во шпајзови, скопјани со недоволна противпожарна свест

Според тоа што тие го имаат забележано на терен, ниту едни противпожарни скали во Скопје не се проодни.

830

Голем дел од скопјани воопшто не се грижат за тоа што ќе биде во случај на пожар. Скалите наменети за спас во случај на оган ги прават тераси и шпајзови. Други пак, ги заградуваат со регали и шкафови, па којзнае како мислат дека ќе се спасат ако не дај Боже се случи некоја несреќа.

Дека има скопјани кои носат вакви непромислени одлуки, за Плусинфо потврди командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.

– Не се сите исти. Зависи за кои згради станува збор. Има дел од згради кои си имаат куќни совети, куќен домар и слично. На пример, неколку во Центар кај средното училиште Јосип Броз Тито ги имаат сите апарати што им се потребни. Во некои згради пак, нема ништо од ова. Нема ниту вентил. Некаде има инсталација, но ништо во неа. Постојат празни сандачиња во 17-катна зграда, најверојатно украдени. Или има случаеви каде што ни имаат кажано дека се во подрум. Тоа е тешко, мене ми е временски важно, јас ако имам се на дофат, не треба да тегнам до 12-ти спрат. Но, има постари згради каде што нема ниту инсталација хидрантска во Скопје – ни рече командантот.

Според тоа што тие го имаат забележано на терен, ниту едни противпожарни скали во Скопје не се проодни.

– Згради во проекција имаат и противпожарни скали кои се затворени од некоја причина. Едни се направени тераси, други си ги направиле шпајзови, остави, си имаат ставено регали, шкафови и слично. Зошто некој кога гради зграда, кула од 13-14 ката, како во Скопје, би направил од страна и би ги крстил помошни противпожарни скали, ако не се противпожарни скали? Можеби требало да ги крстат тераси, па може немало несовесните лица да ги заградат – дециден е Симоновски.

Тој посочи кули во Автокоманда и кули во Козле, десеткатници кои имаат од страна противпожарни скали, но сите се направени тераси, доградени.

– Дури и општо влезовите се оптеретени со многу работи. Шкафови, регали, точаци врзани, по скали и слично. Не размислуваат дека треба да одат оттаму – додаде Симоновски.

Тој апелира да се внимава повеќе кога е во прашање оваа тема, бидејќи во спротивно, доколку дојде до пожар, може да биде кобно за животите на лицата кои ќе се најдат во зградата.

– Секако дека ќе одговараат лица кои ќе направат ваков прекршок. Парично се одговара за тоа. Има законска обврска сите станови и згради да имаат станбен сервис, што го плаќаат. Сите станари го плаќаат. Има одредени точки кои мора да се исполнат. Ако нема хидрантска мрежа и хидрантска инсталација во зградата што е постара, од 60-тите, пред земјотресот или по него, станбениот сервис тогаш би требало, односно должен е, или по само барање на граѓаните, би требало да им купи пепе апарати на секој спрат да има по минимум два. Но, зависи и колкава е зградата и колку станови има. На пример, ако има два стана, доволен е и еден апарат, значи има правилник за тоа. Само, ретки се тие кои го почитуваат правилникот – заврши Симоновски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...