За 15 проценти е зголемена потрошувачката на вода во топлите денови. Граѓаните на Скопје просечно трошат 270.000 кубни метри, деновиве потрошувачката достигнува и над 300.000. Има места каде несовесни граѓани неконтролирано трошат питка вода за наводнување на зелени површини и бавчи, при што се случува куќите кои се погоре да немаат притисок или одреден дел од денот да немаат вода. Ова го кажаа за Плусинфо од ЈП Водовод и канализација – Скопје.
– Таква злоупотреба се забележува во приградските средини, а посебно во повисоките зони од Градот Скопје. Нашите екипи редовно излегуваат на терен и вршат контроли за ваквите појави да се сведат на минимум – велат оттаму.
Апелираат за рационално и разумно трошење на вода во текот на летниот период и за време на топлотните бранови кои го зафаќаат Скопје.
– Апелираме до сите наши корисници во овој период да се однесуваат што е можно поодговорно, односно да се избегнува полевање и наводнување со вода во текот на денот, а тоа да се прави рано наутро, доцна попладне или во ноќните часови. Водата е најзначаен природен ресурс и токму затоа треба да внимаваме како се однесуваме кон него – додаваат оттаму.
Тврдат оти изворот Рашче во целост ги задоволува потребите за вода на граѓаните на Скопје.
– Тој се се состои од две каптажи, Рашче 1 и Рашче 2, со вкупен инсталиран капацитет од 6.000 литри во секунда. Состојбата со издашноста на изворот Рашче е добра затоа што неговата хидролошка состојба е поволна. Доколку се појави потреба од дополнителни количини на вода може да се активираат и бунарските подрачја Нерези и Лепенец кои имаат вкупен инсталиран капацитет од 1500 литри во секунда“ – велат од „Водовод“.
Деновиве летните температури се навистина високи, а се чини дека поединци го гледаат спасот во разладување на своите дворови прскајќи ги со вода, полнење на детски базени, миење на возила и што ли уште не, со што не размислуваат на тоа колку ја трошат скапоцената течност без која не може да се живее.