Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги обвини денеска одделни западни земји, членки на ЕУ, дека „отворено застанале на страната на шверцерите со луѓе“, нагласувајќи дека таа „политички поддржана операција“, организирана од повеќе земји, се спроведува на Средоземно Море.
– Јасно е дека миграцијата може да се спречи не само на копно, туку и на Средоземно Море, но тие и понатаму го поддржуваат и отворено го охрабруваат шверцот со луѓе – истакна Сијарто во Брисел.
Тој нагласи дека е очевидно оти Брисел и некои земји имаат интерес од пристигнувањето на се повеќе мигранти во Европа.
Шефот на унгарската дипломатија оцени дека шверцувањето луѓе и поддршката од граѓанските организации „кои се вмешани во криумчарењето“ ќе придвижат нови бранови мигранти кон Европа.
– Земјите од ЕУ кои сакаат да распоредат мигранти меѓу себе, си играат со оган – истакна Сијарто, додавајќи дека тие го доведуваат во опасност европејството, иднината, културата и идентитетот на Европа.