Преку системот за донирање на вишок храна „Сите сити“ за два месеца обезбедени се 10 илјади оброка за социјално загрозените семејства.
Целта на овој систем е вишокот храна, кој сè уште е во добра состојба и безбеден за употреба, да не заврши во депониите, туку да се пренамени онаму каде е реално неопходeн.
Станува збор за големи количества на овошје, зеленчук, житарки, сокови, кондиторски производи, млеко и други видови на храна кои се со пократок рок или за нив нема побарувачка.
– Интересот кај бизнисите и хуманитарните организации да се вклучат расте, а дополнително десеттици волонтери се пријавуваат после своето работно време да помогнат во дистрибуцијата на храната до социјално загрозените граѓани – велат од „Сите сити“, надевајќи се дека ќе ја постигнат зацртаната цел до 2019 година да обезбедат 200.000 оброка.
Воспоставувањето на првиот систем за донирање на вишок храна во Македонија, е создаден од страна на „Ајде Македонија“ со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и Публицис.